четвртак, 23. мај 2013.

ПОЖАРАНЕ ВО ВРЕМЕТО НА КОЛЕКТИВОТ


Во правната теорија, под поимот „задруга“ се подразбира група луѓе здружени со заедничка работа, заеднички интерес или со заедничка цел.

Доколку пак се наоѓате во село Пожаране и прашате за „задруга“ секој  соговорник ќе Ве упати кон Пожаранскиот дом кој се наоѓа на средина од патот што ги поврзува „Волчевци“ и „Долно Маало“ на селото. Во овој дом до неодамна беше сместена пожаранската колонијална продавнивца како и селското бифе, каде мештаните од селото го поминуваа поголемиот дел од нивното слободно време наоѓајќи разонода во гледање телевизија, заедничко  дружење и слично. Горниот кат од овој објект беше седиште на Месната заедница  каде воедно се одржуваа и состаноци, а еден дел од просториите на овој дом беше седиште на ФК „Шар“ Пожаране. 


ПОЖАРАНСКИОТ  ЗАДРУЖЕН  ДОМ

Но, што преставуваше овој дом за селото во периодот од 1949 до 1953 година познат како период на присилна колективизација?
Токму во периодот на селските работни задруги, во овој објект постоеше погон- килимара- во која мештани од селото претежно женска популација, беше ангажирана во изработка на килими. Другиот дел од овој објект бил наменет за сместувасње на работна сила која била ангажирана во ископот на руда во пожаранските рудници. Подоцна, во еден краток период на време, простории на овој дом беа остапени на користење на селското училиште

Колективизацијата на македонското село, спроведувана според советскиот модел на аграрот и со опробаните сталинистички методи, била една од мерките на тогашната аграрна политика која предизвикала далекусежни негативни последици во целокупниот развој на земјата а со самото тоа и на ова село. Пожаранскиот селанец, во овој период на време ќе  се соочи со суровоста на новопечените „народни“ претставници за кои исполнувањето на партиската директива била услов за напредувањето во државно-партиската хиерархија.

„Иако малку на број, токму овие новопечени „народни“ претстаници газеа врз честа и достоинството на пожаранецот и со примена на психолошка и физичка тортура го принудуваа да се откаже од својот вековен сон – парчето сопствена земја“, беше коментарот на еден постар мој соговорник, добар позвач на приликите во селото од ова време.

Ваквата засилена колективизација која  се спроведувала во периодот 1949–1951, односно 1953 година, ќе го означи и почетокот на  бегство на жители и од селото и од земјоделството и нивно населување во приградските и градски населби на Гостивар, Тетово и пошироко.

Работната задруга во село Пожаране како што впрочем бил и случајот и по другите села, не заживеа во вистинска смисла од повеќе причини: времетраењето на задружното живеење било многу кратко (1951-1955), не бил изграден ни еден заеднички (задружен) објект за живата стока или селски објект. Стоката, овците, говедата, добитокот кои присилно биле одземани од домаќинствата, пожаранци биле принудени да  ги чувааат по своите штали, плевни и други објекти. Само на список се воделе како задружни.  Покрај задружниот (што било најголемо), секоја фамилија имала право на сопственост на мал обработлив простор. Домаќинствата  биле докрај осиромашени.  

Карактеристично за ова време е тоа што колективизацијата со себе ја носела и најголемата и најмасовна репресија. Посебно тоа ќе го почуствуваат оние сопственици на домаќинства што не се согласувале да ги отстапат своите имоти во селската задруга .
„Животот за време на колективот ни беше многу мачен, бидејќи платите беа многу мали. Аргатувавме и измеќарувавме за да преживееме“, - продолжи со коментарот мојот соговорник. Конечно на 30 март 1953 година колективите згаснале.

 Селото и натаму остана отсечено со комуникација и кон крајот на 50-тите и 60-тите години од минатиот век започна процесот на мигрирање село-град и емигрирање во повеќе градови на бившата СФРЈ како и одење на печалба во странство (Румунија, Бугарија, САД, Канада, Австралија и други земји). Со тоа започна брзо да се гледа почетокот на крајот на постоењето на селото Пожаране. Денешната  слика на селото е само остаток од она што преставуваше село Пожаране во минатото
Остатоците од темелни конструкции на шталите од тоа време во месноста „Маглењци“, бетонските базени веднаш до трансформаторот на задружниот дом за собирање на жито и друга летнина за потребите на колективот, а до неодамна кршот од рѓосаното железо фрлен позади домот на разновидни земјоделски орудија како: сеалки, веалки, плугови за орање и сл. преставуваа само мал дел од еден грд декор од времето на пожаранската селаска задруга и колективитетот. 

Секако дека содржината на оваа колумна е само еден мал дел од она што навистина се случувало и го преживеало село Пожаране во времето на колективот и задругарството. Се разбира дека на оваа тема има уште многу да се пишува и прикажува, но авторот на овој текст свесно ќе застане тука , презентирајќи само еден мал дел од тоа време само колку да се знае и никогаш не избрише од колективната меморија на село Пожаране.

А „ЗАДРУГА“ – се надевам дека и понатаму ќе остане место на повремено собирање и дружење помеѓу пожаранци како што впрочем во минатото и навистина така било....